Лауреат - 2024,
Жан-Пјер Симеон
Франција
Биографија
Жан-Пјер Симеон, поет, драматург и есеист, е роден на 6 мај 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е основач на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1987 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на „Printemps des poètes“ (Поетска пролет). Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар „Вилербан“. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во „Gallimard“ (Галимар).
Жан-Пјер Симеон предавал на Универзитетскиот институт за обука на предавачи на високообразовни институции во Оверњ, на Високата национална школа за театарски уметности, како и на Институтот за политички науки во Париз.
Неговите збирки поезија се објавени во издавачките куќи Шејн (Cheyne éditeur) и Галимар (Gallimard), а неговите театарски пиеси се во издание на Les Solitaires Intempestifs.
За своето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди, меѓу кои: наградата Теофил Бријан во 1978 година, наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, 2010 година, највисоката награда за животно дело Мон Сен-Мишел за целокупното свое творештво, меѓународната награда за современа поезија („International Contemporary Poetry Award“) во Кина во 2021 година и највисоката награда за поезија на Француската академија во 2022 година.
Жан-Пјер Симеон е одликуван со следните ордени: Витез во Редот за национални заслуги, Командант за заслуги во Редот на уметностите и книжевностите, и Витез за заслуги во Редот на академските палми
Тој е автор на есејот Поезијата ќе го спаси светот (Le Passeur), кој доживеал голем успех меѓу критичарите и во јавноста, како и на збирката Писмо за смртта до саканата жена (поезија, Gallimard). Тој е основач на поетската награда Андре Шедид и член на жирито за наградите Макс Жакоб и Бенжамен Фондан.

