За С.В.П.
С.В.П. 2007
С.В.П. 2006
С.В.П. 2005
С.В.П. 2004
С.В.П. 2003

 
  За Струшките вечери на поезијата
Струшките вечери на поезијата се започнати во 1962 година, со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Константин и Димитар Миладинов, големи интелектуалци, учители и писатели, родени во Струга во почетокот на XIX век. Константин Миладинов се смета за зачетник на модерната македонска поезија и секоја година фестивалот официјално започнува со неговата незаборавна поема „Т'га за југ“, напишана за време на неговиот студентски престој во Москва.




45 години СВП (4,6 MB; .pdf)



  Струшки вечери на поезијата - историјат

Од 1963, кога и голем број поети од сите југословенски републики му се приклучија на фестивалот, се воспостави наградата „Браќа Миладиновци“, за најдобра поетска книга издадена во Република Македонија меѓу два фестивала. До 1966, СВП прерасна во интернационален поетски настан, и следствено, се воспостави интернационална поетска награда наречена „Златен венец“, која се доделува на светски познат жив поет за неговиот поетски опус или животно дело од областа на поезијата. Првиот добитник на оваа награда беше В.Х. Одн. Минатата година СВП и UNESCO ја воспоставија наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска книга од млад автор од целиот свет.

И покрај огромните потешкотии и суровата реалност со која Фестивалот мораше да живее (распадот на Југославија, војната во Босна, косовската криза, судирите во Македонија, терористичката криза по нападите од 11 септември во Њујорк, бројни политички и економски ембарга наметнати во регионот), Фестивалот успеа да се одржи и моментално е најстариот фестивал во светот кој континуирано се одржува 45 години.

Фестивалот има канцеларии во Струга и во Скопје (директор, извршен и технички секретар) и се организира од страна на фестивалскиот одбор, кој се состои од видни професионалци од областа на поезијата (поети, критичари, преведувачи и професори по компаративна книжевност и култура).

Оваа година СВП го почести палестинскиот поет Махмуд Дарвиш со „Златниот венец“, а претставување ќе има и модерната турска поезија. Меѓу другите настани СВП вклучува и Преведувачка работилница, која оваа година ќе се одржи по четврти пат. Работилницата почнува една седмица пред Фестивалот и се фокусира на поезијата на еден значаен македонски автор или на годинешниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ (резултатите од Работилницата се претставуваат на вечерта посветена на добитникот).

Меѓу најатрактивните поетски настани се читањето „Меридијани„ на отворањето на фестивалот, и читањето „Мостови„ на затворањето на фестивалот.

Во склоп на СВП се одржуваат и два мултимедијални настани наречени „Ноќи без интерпункција“, со што Фестивалот се отвора за нови, експериментални форми на поетска презентација, кои вклучуваат и други уметности (музика, видео, итн.).

Секоја година, фестивалот организира и симпозиум на различни теми. Темата на годишнашниот симпозиум е „Поетскиот номадизам“ и се надеваме дека ќе го привлече вниманието на бројни литературни експерти од регионот и од светот.

За 45-те години постоење, Фестивалот пречекал околу 4.000 поети, преведувачи, есеисти и литературни критичари од 95 земји од светот.

Досега биле издадени поетски антологии на следните национални поезии:


  Издадени поетски антологии

  • 1971 Современа италијанска поезија
  • 1972 Современа советска поезија;
  • 1972 Антологија на романската поезија
  • 1973 Современа полска поезија
  • 1974 Современа чилеанска поезија
  • 1976 Финска поезија
  • 1977 Современа алжирска поезија
  • 1978 Современа палестинска поезија;
  • 1978 Германска поезија на XX век
  • 1979 Модерна американска поезија
  • 1980 Нова унгарска поезија; Современа индиска поезија
  • 1981 Современа грчка поезија
  • 1982 Австриска поезија на XX век
  • 1983 Современа венецуелска поезија;
  • 1983 Современа поезија на Чехословачка
  • 1984 Современа египетска поезија
  • 1985 Нова кинеска поезија
  • 1987 Современа австралиска поезија
  • 1988 Современа шведска поезија
  • 1989 Современа белгиска поезија
  • 1990 Современа британска поезија
  • 1991 Современа швајцарска поезија
  • 1992 Современа поезија на Луксембург
  • 1993 Современа италијанска поезија
  • 1994 Современа германска поезија
  • 1995 Современа данска поезија
  • 1996 Современа албанска поезија
  • 1997 Современа корејска поезија
  • 1998 Шпанска поезија на XX век
  • 1999 Современа бугарска поезија
  • 2000 Современа руска поезија
  • 2001 Современа португалска поезија
  • 2002 Современа поезија на Тунис
  • 2003 Современа индиска поезија напишана на англиски
  • 2004 Современа холандска поезија
  • 2005 Современа изралска поезија
  • 2006 Современа карипска поезија

Како што беше претходно споменато, највредната награда која му се дава на некој странски поет на Струшките вечери на поезијата е „Златниот Венец“. Следните поети ја добиле оваа награда:





1966
Роберт Рождественски
(СССР)




1967
Булат Окуџава
(СССР)




1968
Ласло Наѓ
(Унгарија)




1969
Мак Диздар
(БИЏ, Југославија)




1970
Миодраг Павловиќ
(Србија, Југославија)




1971
Вистан Хју Одн
(САД)




1972
Пабло Неруда
(Чиле)




1973
Еуџенио Монтале
(Италија)




1974
Фазил Хисни Дагларџа
(Турција)




1975
Леополд Седар Сенгор
(Сенегал)




1976
Ежен Гилвик
(Франција)




1977
Артур Лундквист
(Шведска)




1978
Рафаел Алберти
(Шпанија)




1979
Мирослав Крлежа
(Хрватска, Југославија)




1980
Ханс Магнус Енценсбергер
(Германија)




1981
Блаже Конески
(Македонија, Југославија)




1982
Никита Станеску
(Романија)




1983
Сачидананд Хирананд Ватсјајн-Ајгеј
(Индија)




1984
Андреј Вознесенски
(СССР)




1985
Јанис Рицос
(Грција)




1986
Ален Гинсберг
(САД)




1987
Тадеуш Ружевич
(Полска)




1988
Десанка Максимовиќ
(Србија, Југославија)




1989
Томас Шапкот
(Аустралија)




1990
Хусто Хорхе Падрон
(Шпанија)




1991
Јосиф Бродски
(САД)




1992
Ференц Јухас
(Унгарија)




1993
Генади Ајги
(Чувашка република, Русија)




1994
Тед Хјуз
(Велика Британија)




1995
Јехуда Амихај
(Израел)




1996
Макото Оока
(Јапонија)




1997
Адонис
(Сирија)




1998
Лу Јуан
(Кина)




1999
Ив Бонфоа
(Франција)




2000
Едоардо Сангвинети
(Италија)




2001
Шејмас Хини
(Ирска)




2002
Славко Михалиќ
(Хрватска)




2003
Томас Транстромер
(Шведска)




2004
Васко Граса Моура
(Португалија)




2005
Вилијам С. Мервин
(САД)

Секоја година фестивалот издава серија книги со цел да ја промовира поезијата од странски автори на македонската читачка публика, како и тематски антологии на современа македонска поезија во англиски превод, наменети за читателите во странство. Едицијата „Плејади“ опфаќа седум познати поети од светот. Минатата година поетите застапени во едицијата „Плејади“ беа: Шунтаро Таникава (Јапонија), Брејтен Брејтенбах (Јужна Африка), Лез Мари (Австралија), Рита Дав (САД), Лионел Ре (Франција) и Тарек Елтајеб (Судан). Антологиите на македонската современа поезија опфаќаат поети од сите етнички заедници во Македонија, издадени на нивниот мајчин јазик како и на македонски.

Струшките вечери на поезијата имаат воспоставено и Меѓународна поетска библиотека. Таа содржи книги од сите учесници на Фестивалот. Исто така, Меѓународната поетска архива на Фестивалот содржи значајни материјали (книги, ракописи, фотографии, филмови, итн.) достапни на секој книжевен истражувач или вљубеник во поезијата.

Дирекцијата и Управниот одбор веруваат дека фестивалот ќе продолжи да ги развива своите содржини и покрај периодот на транзиција во регионот и дека ќе продолжи да ја негува долгата традиција на обединување на светот низ поетскиот збор.

Зоран Анчевски
Претседател на Управен одбор
Ефтим Клетников
Директор

 





Махмуд Дарвиш
(Палестина)
Добитник на наградата
Златен Венец 2007

Биографија на
Махмуд Дарвиш


Обраќање до
СВП 2007


Избор песни од
Махмуд Дарвиш














NeubautEn web design © 2005 , e-mail