|
Би
биле среќни да ме видат мртов
Би биле среќни да ме видат мртов, па велат: Нам
ни припаѓа. Наш е.
Цели дваесет години им ги слушам чекорите во ѕидовите
од ноќта.
Не отвораат никакви врати, но тука се. Гледам
тројца од нив:
Поет, убиец, и читател.
Ќе се напиете ли вино? ги прашав.
Полека малку, ми одговорија.
Ги наредија чашите и почнаа да пеат за народот,
ги прашав: Кога ќе го започнете атентатот врз
мене?
Веќе го завршивме, рекоа… Но зошто ги
испрати чевлите пред душата?
За да скитаат по лицето на земјата, одговорив.
Земјата е пакосно мрачна, зошто твојата песна
е толку јасна?
Бидејќи срцево ми е заплиснато од триесет мориња,
реков.
Ме прашаа: Каква смрт сакаш?
Сина, како ѕвезди што трепкаат во прозорецот -
уште малку вино?
Да, ќе се напиме, рекоа.
Ве молам, полека. Сакам да ме убиете бавно
за да ја напишам последната песна за сопругата
на моето срце. Се насмеаја и ми ги зедоа
само зборовите посветени на сопругата на моето
срце.
Доаѓам оттаму
Доаѓам оттаму и имам спомени
што се раѓаат како смртници, имам мајка
и куќа со многу прозорци,
имам браќа, пријатели
и затворска ќелија со студено окно.
Мој е бранот, украден од галебите,
си имам свој видик
и еден страк трева отповеќе.
Моја е и месечината на крајот од зборовите
и мноштвото птици
и бесмртната маслинка.
Одев по оваа земја пред мечовите
да & го претворат живото тело во тешка мрша.
Доаѓам оттаму. И' го предавам небото на мајка
&.
Небото плаче по мајка &.
И јас плачам за да ме запознае
облакот што се враќа.
Ги научив сите зборови вредни во дворот на крвта
за да ја скршам власта.
Ги научив сите зборови и потем пуздер ги сторив
за да создадам сал еден збор: Дом…
Рита и пушката
Помеѓу Рита и моите очи
Има пушка
И секој што ја познава Рита
Клекнува да си игра
Со божественоста во медените очи
Ја бакнав Рита
Кога беше млада
И си спомнувам како ми се доближи
И како мојата рака ги прекри најубавите плетенки
И си спомнувам на Рита
Како што врабецот си спомнува на својот поток
Ах, Рита
Помеѓу нас има милиони врапци и слики
И безброј разделби
Во кои пукаат со пушка
Името на Рита беше гозба за моите усни
Телото на Рита беше свадба во мојата крв
И цели две години бев загубен по Рита
И цели две години таа ми спиеше на рака
И си дававме ветувања
Над најубавата шолја за чај
И горевме со вино на нашите усни
И повторно се раѓавме
Ах, Рита!
Што можеше пред оваа пушка да ми ги одврати очите
од твоите
Освен дремеж или два над твоите медени облаци?
Еднаш порано
Ох, тишино на квечерината
Едно утро мојата месечина се отсели во далечно
место
Кон тие медени очи
А градот ги избриша сите пеачи
И Рита
Помеѓу Рита и моите очи -
Пушка
Псалм 3
На денот кога зборовите
ми беа земја…
им бев пријател на стрништата.
На денот кога зборовите
ми беа гнев
им бев пријател на прангите.
На денот кога зборовите
ми беа камен
им бев пријател на потоците.
На денот кога зборовите
ми беа побуна
им бев пријател на земјотресите.
На денот кога зборовите
ми беа горки јаболки
му бев пријател на оптимистот.
Но кога зборовите
ми станаа мед…
муви ми ги прекрија
усните!…
Псалм 9
О розо вон дофат на времето и сетилата
О бакнежу повиен во шамиите на сите ветрови
изненади ме со еден сон
во кој моето лудило ќе се штрекне од тебе
ќе побегне
за да ти се доближи
Го открив времето
на патот кон тебе
си ги открив сетилата
бегајќи од тебе и одејќи кон тебе
Помеѓу бегството и приближувањето
има еден камен голем колку сон
Тој не приоѓа,
Тој не бега
Ти си ми татковината
Каменот не е тоа што сум јас
и затоа не сакам да се соочам со небото
ниту да умрам срамнет со земјата
Јас сум сал туѓинец, засекогаш туѓинец.
|