Махмуд Дарвиш е роден на 13 март
1942 година, во селото Ал Бирва, Палестина, во сунитско
муслиманско семејство. За време на основањето на израелската
држава во 1948 година, неговото село е целосно уништено,
па затоа семејството бега во Либан, но следната година,
по тајни патишта, илегално се враќа во Израел.
Во младоста Дарвиш е неколкупати
затворан заради политичка активност, но и за своите
јавни поетски читања. Неговиот егзил започнува уште
во 1970 година кога заминува за Москва, од каде, по
само една година престој, заминува за Каиро, Египет.
Потоа повеќе од 26 години живее во егзил, постојано
на релацијата помеѓу Бејрут и Париз. Во 1996 година
се враќа во Израел и се населува во Рамала, на Западниот
брег.
Махмуд Дарвиш во моментов се смета
за најеминентен палестински поет и воопшто, за најважен
современ поет кој пишува на арапски. Своето светско
реноме го има заслужено не само како поет, туку и како
романсиер и книжевен теоретичар. Има објавено триесетина
поетски збирки, осум прозни дела, или заедно со други
објави и студии, вкупно над 40 наслови. Првата поетска
книга ја објавил во 1964 година со наслов Маслиново
лисје, а неговиот најнов избор на англиски јазик Товарот
на пеперугата, ќе се објави деновиве во САД).
 |
Негови други поважни избори на англиски
јазик се: За жал, тоа беше рај: Избрани песни (2003),
Опсада (2002), Мастилото на гавранот (2001), Адам од
два раја (2001), како и други избори на арапски јазик:
Мурал (2000), Постелата на туѓинецот (1999), збирките
Псалми (1995), Зошто го оставивте коњот сам? (1994),
Музика на човечкото месо (1980) и други. Во 2000 година,
престижната француска издавачка куќа "Галимар"
објавува ексклузивен избор од неговата поезија Земјата
ни е тесна на француски јазик, а неговиот роман Заборавност
е објавен во издание на Калифорнискиот универзитетски
прес, на англиски јазик.
За своето дело има добиено голем
број меѓународни награди, меѓу кои: наградата "Ибн
Сина", "Лениновата награда за литература",
"Сталиновата награда за мир", наградата "Лотос"
од Унијата на Афро-азиски писатели (1969), "Наградата
за културни слободи" од фондацијата Ланан (2001),
мароканската награда "Висам" за интелектуални
дострели што ја доделува лично мароканскиот суверен
Мохамед ВИ, а во 1997 година ја добил почесната француска
титула "витез", заедно со орденот за заслуги
во уметноста и литературата. Во моментов Махмуд Дарвиш
работи како главен и одговорен уредник на списанието
Ал-Кармел, што самиот го основал во 1997 година.
 |
Познатата американска поетеса со
палестинско потекло, Наоми Шихаб Нај, за него има напишано:
"Дарвиш е длабокиот здив на палестинскиот народ,
речит сведок на прогонството и припадноста, раскошен
пеач на звучни слики што спотнуваат и разнесуваат сјај
во срцето на светот. Тоа што го говори е здушно прифатено
од читателите во целиот свет - тој е апсолутно неопходен
глас, неопходен и неодминлив уште откако е откриен".
Махмуд Дарвиш учествувал на голем
број познати светски поетски фестивали, држел предавања
на престижни светски универзитети, но патот кон својата
вистинска меѓународна поетска афирмација го започнал
токму на Струшките вечери на поезијата, кога во 1978
година учествувал како поет на специјалната вечер посветена
на современата палестинска поезија.