За С.В.П.
С.В.П. 2007
С.В.П. 2006
С.В.П. 2005
С.В.П. 2004
С.В.П. 2003

 
Златен Венец 2005

Обраќање до Струшките вечери на поезијата, 2005


Кога во јануари оваа година Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ме извести за одлуката да ми ја додели наградата “Златен венец”, тоа за мене беше големо изненадување, но и задоволство и особена чест, чест што е уште поголема заради звучните имиња на поетите кои ја имаат добиено оваа награда во минатото. Пред триесетина години, кога живеев во Франција, неколкупати бев поканет да учествувам на Струшките вечери на поезијата, што и се случи во годината кога наградата му беше доделена на В. Х. Одн. Оттогаш носам многу пријатни спомени за фестивалот и за сето она што го видов во Македонија, нејзините древни градови и објекти, нејзината прекрасна природа и нејзиното познато гостопримство. Во себе сe уште носам длабока благодарност што фестивалот ми пружи можност да се сретнам со поети кои инаку никогаш не ќе можев да ги сретнам. Затоа ме прави особено среќен можноста повторно да го посетам овој богато обдарен, култивиран и кралски благороден и дарежлив дел од светот, како и можноста што по толку многу години пак ќе можам да го изразам мојот восхит од љубовта кон поезијата во Македонија, која всушност и го создаде фестивалот и која успеа да го одржи во живот и покрај тегобните времиња и години.

Многу е важно и во овој миг да се потсетиме дека и покрај разликите во јазикот и културата, љубовта кон поезијата и кон нејзините извори, како и односот кон неа и потребата од неа, не се ниту од национален, ниту од етнички карактер, туку се длабоко вкоренети во нашата заедничка природа. Особено е утешно да се потсетиме на тоа во времиња какви што се овие, исполнети со насилство, омраза и обезличување на нашата самопочит. Јазикот на поезијата е составен од љубов, изблици на восхит, загуба и болка, што на сите заедно и на секој посебно ни се многу добро познати. Никаде на светот не сум видел толку длабока, толку безусловна и природна љубов кон поезијата како во Македонија, без оглед дали на неа се гледа како на литература или како на имагинативен тек, чувство или страст. Тој спомен по сите овие години уште повеќе го ценам и е нешто за што сакам да ви се заблагодарам, најдлабоко и најискрено. Верувам дека ако не успееме да ја цениме и да ја почитуваме таа дарба што ја носиме во себеси, тој имагинативен тек и нашиот однос кон него што нé тера да се радуваме и да тагуваме, да сочувствуваме со другите луѓе и со другите облици на живот, тогаш не ќе можеме да се оправдаме ни пред себеси и ќе станеме помалку од она што сме, помалку човечни. Вилијам Блејк на еден свој пријател му напишал: “Ако се плашиме да постапиме како што ни наложуваат нашите Ангели… ако го погребеме нашиот Талент во Земјата… секој во Вечноста ќе не напушти, згрозен од Човекот кој бил крунисан со слава и чест од своите браќа, а го предал нивното дело на непријателите…” Ако повеќе не ни е грижа за тагата на сопругата на Хектор, за љубовта на Јулија, за замелушеноста на китовите од звукот на сонарот или за добродетелта и страдањето на животните и луѓето насекаде во светот, тогаш сме сигурно помалку човечни, а опитот со нашиот род, без оглед на тоа колку технолошки напреднати сме станале, на крајот ќе се претвори во неуспех и ќе стане сосема неважен. Грижата за поезијата во вистинската смисла на зборот, грижата врз која, пред сé, се изгради овој фестивал и од која тој сe уште го црпи својот живот во ова време на премрежја, продолжува да ни дава надеж, а за тоа не можам да најдам соодветни зборови на благодарност.

Вилијам С. Мервин
Хаику, Хаваи
07. 02. 2005




Махмуд Дарвиш
(Палестина)
Добитник на наградата
Златен Венец 2007

Биографија на
Махмуд Дарвиш


Обраќање до
СВП 2007


Избор песни од
Махмуд Дарвиш














NeubautEn web design © 2005 , e-mail