ПОРАКА ОД ВАСКО ГРАСА МУРА - ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ“ НА СВП - 2004
Се чувствувам длабоко почестен поради доделувањето на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и би сакал да им се обратам на Управниот одбор и на македонската јавност со зборовите дека оваа награда ги зајакнува врските меѓу две географски далечни култури од една иста Европа, но всушност не ги „промовира“: нашата национална поема објавена уште во 1572 година, Лусиадите од Луис де Камоеш, завршува со алузија на Александар Македонски кого го споменува неколкупати и која исто така содржи посебна географска референца за Македонија.
Имајќи предвид дека поезијата претставува многу важна димензија на европската цивилизација, како и суштествена примена на креативната слобода во процесот на приближувањето меѓу луѓето и земјите, не само што се чувствувам длабоко почестен со оваа величествена награда, туку исто така сметам дека вклучувањето на еден претставник од португалскиот јазик и литература во долгата листа добитници на “Златниот венец” придонесува кон создавање појасна и посилна слика за мноштвото идентитети од кои се состои Европа.
Во сегашниов миг таа слика треба да станува сe поефективна, бидејќи без таа сериозно да се земе предвид, ќе биде сe потешко Европа понатаму да се гради. Во таа смисла, би рекол дека „заедничкиот потфат“ на Португалија и Македонија може да стане добар симбол; имено, да се постават во заедничка врска колевката на нашата цивилизација и авангардата што ја изнесе таа цивилизација во другите делови од светот во текот на XV и XVI век, и тоа сега кога сите чувствуваме дека секоја трајна идеја за политичко единство на демократска Европа мора да се заснова врз нејзината културна димензија.
Васко Граса Мура
20. 02. 2004
Лисабон