Васко Граса Мура
Васко Граса Моура - поет, раскажувач, есеист, драматург, хроничар, преведувач - е роден во Порто на 3. јануари, 1942 година, а живеел во Фоз до Доуро до 1954-та, кога неговото семејство се сели и останува да живее во Матозињос. Студирал на Колеџот Бротеро и дипломирал право во 1966 година, за потоа да работи како адвокат во своето родно место во текот на неколку години. Во својство на Државен секретар, бил дел од ИВ и ВИ преодна влада (1975). Бил директор на програмите на РТП (1978), администратор и одговорен уредник на националната куќа на печатот - Каза да Моеда (1979-1988), комесар на Португалија за Универзалната изложба на Севилја 92 (1988), генерален комесар за Прославите на португалските откритија (1988-1995) и директор на Одделот библиотеки и унапредување на читањето на фондацијата Гулбенкјан (1999).
Како поет, се прослави со книгата Модус што се менува (1963), по која следеа, меѓу останатите, Англиска седмица (1965), Декември и други песни (1976), Рецитативи (1977 ), Инструменти за меланхолијата (1980), Концерт на село (1993), Семејни сонети (1995), Песни со личности (1997), Тестамент на вгм (2001). Како раскажувач ги објавил: Четири последни песни (1987), Бродолом на Сепулведа (1988), Заминувањето на Софонизба во шест и дванаесет наутро (1993), Смртта на Никој (1998), Љубов моја, ноќе беше (2001). Како есеист, ги објавил книгите: Луис де Камоис: неколку предизвици (1980), Повеќе гласови (1987), Портрети на Изабел и други обиди (1994). Освен тоа, објавил и две пиеси: Смена на момчињата на удар (1987)и Актот на Мофино Мендес (1994); еден дневник: Проживеани околности (1995); три книги хроники: Хартии од дневник (1997), Против Бернардо Соарес и други опсервации (1999) и Страници од Порто (2001); и една книга за деца: Чизмите на наредникот (2001). Како преведувач, Васко Граса Моура ги има преведено, меѓу останатите, Шекспир, Рилке, Гарсија Лорка, Волтер Бенџамин и Нов живот и Божествената комедија од Данте Алигиери. За последната ја има добиено наградата Песоа во 1995 година.
Васко Граса Мура
Одбрани песни |