Tемата на годинешниов симпозиум на СВП е несомнено актуелна и, веруваме, ќе овозможи различни пристапи кон релацијата поезија-масовни медиуми. Неомнено, низа прашања можат да бидат придвижени во контекст на нашата тема. Меѓу нив и следниве: дали поезијата е загубена во напливот на популарното протежирано во масовните медиуми?
Дали огромните можности што на комуникациски план ги нудат современите мас-медиуми претставуваат неосвоен простор за поезијата? Дали индустријата на забавата („културната индустрија“ на Франкфуртската школа) ја протера поезијата од масовните медиуми?
Дали еманципаторската можност (Валтер Бенјамин) на мас-медиумите е не докрај искористена можност на поезијата да ја оствари својата непречена комуникација со посакуваните читатели. Или поедноставно кажано: поезијата, како и нејзините автори и толкувачи, имаат особено амбивалентен однос кон масовните медиуми.
Од една страна посакуваат поезијата да ја задржи својата величественост и неповторливост (лоцирана во минатото и делумно во сегашноста од малкумина), а од друга страна посакуваат широка комуникативност и популарност (нужно провоцирани од стварноста и од „екстазата на комуникациите“).
Ова распнување на поезијата е предизвик повторно и повторно да ги разгледаме прашањата врзани за бинарните опозиции: елитност и популарност, автентичност и симулација, вечност и ефемерност итн., или, пак, да излеземе од нивните рамки и да се обидеме да востановиме една инклузивна релација меѓу овие подвоености.
Секако, ова се само кратки назнаки и размисли за можните поттеми кои би ги опсервирале на нашиот симпозиум во Струга во контекст на главната тема: „Поезијата и мас-медиумите“.
Веруваме дека оваа тема е достатно широка за да може да ги опфати најразличните пристапи и дека со вашето учество ќе придонесете во успешното толкување и вреднување на прашањата врзани за релацијата „поезија-масовни медиуми“.