Струшките вечери на поезијата се започнати во 1962 година, со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Константин и Димитар Миладинов, големи интелектуалци, учители и писатели, родени во Струга во почетокот на XIX век. Константин Миладинов се смета за зачетник на модерната македонска поезија и секоја година фестивалот официјално започнува со неговата незаборавна поема “Т’га за југ”, напишана за време на неговиот студентски престој во Москва.
Од 1963, кога и голем број поети од сите југословенски републики му се приклучија на фестивалот, се воспостави наградата “Браќа Миладиновци”, за најдобра поетска книга издадена во Република Македонија меѓу два фестивала. Во 1966, СВП прерасна во интернационален поетски настан, и следствено, се воспостави интернационална поетска награда наречена “Златен венец”, која се доделува на светски познат жив поет за неговиот поетски опус или животно дело од областа на поезијата.
Во 2003 година СВП и УНЕСKО ја воспоставија наградата “Мостови на Струга” за најдобра дебитантска поетска книга од млад автор од целиот свет.
И покрај огромните потешкотии и суровата реалност со која Фестивалот мораше да живее (распадот на Југославија, војната во Босна, косовската криза, судирите во Македонија, терористичката криза по нападите од 11 септември во Њујорк, бројни политички и економски ембарга наметнати во регионот), Фестивалот успеа да се одржи и моментално е најстариот фестивал во светот кој континуирано се одржува 48 години.
Фестивалот има канцеларии во Струга и во Скопје (директор, извршен и технички секретар) и се организира од страна на фестивалскиот одбор, кој се содржи од видни професионалци од областа на поезијата (поети, критичари, преведувачи и професори по компаративна книжевност и култура). Најатрактивни настани што се одржуваат на фестивалот се Меридијани (читања по повод отварање на фестивалот) и Мостови на Струга (читања по повод затворање на фестивалот). Ова се спектакуларни настани на кои жителите на Струга масовно присуствуваат за да ги поздрават поетите од целиот свет со својата познато гостопримство.
На Струшките вечери на поезијата има и две мултимедијални вечери (поезија, музика и видео) наречени “Ноќи без интерпункција”, со што Фестивалот се отвора за нови, експериментални форми на поетска презентација, кои вклучуваат и други уметности (музика, видео, итн.). Секоја година се организира и Симпозиум и го привлекува вниманието на бројни литературни експерти од регионот и пошироко. За сиве години постоење, Фестивалот пречекал околу 4.000 поети, преведувачи, есеисти и литературни критичари од 95 земји од светот.
Секоја година фестивалот издава серија на книги со цел да ја промовира поезијата од странски автори на македонската читачка публика, како и тематски антологии на современа македонска поезија во англиски превод, наменети за читателите во странство. Овие изданија ја вклучуваат позната едиција “Плејади”, која претставува познати поети од светот. Тематските антологии на македонската современа поезија опфаќаат поети од сите етнички заедници во Македонија, издадени на нивниот мајчин јазик како и во превод на македонски и англиски. Една од најпрестижните антологии што објавуваат секоја година е посветена на различна национална или регионална поезија.
Струшките вечери на поезијата имаат воспоставено и Меѓународна поетска библиотека. Таа содржи книги од сите учесници на Фестивалот. Исто така, Меѓународната поетска архива на Фестивалот содржи значајни материјали (книги, ракописи, фотографии, филмови, итн.) достапни на секој книжевен истражувач или вљубеник во поезијата.

Дирекцијата и Управниот одбор веруваат дека фестивалот ќе продолжи да ги развива своите содржини и покрај периодот на транзиција во регионот и дека ќе продолжи да ја негува долгата традиција на обединување на светот низ поетскиот збор.
Имињата на организаторите на фестивалот се следниве:

Директорат:
- Виолета Дишлиовска, В.д. Директор
- Маринела Јоноска, секретар

Управен одбор:
- Славе Ѓорѓо Димоски, претседателот
- Маре Бојческа Савеска, член
- Стефан Томаноски, член
- Ваит Ајро, член
- Џеладин Пошка, член


Програмата на Струшките вечери на поезијата 2011 година може да ја погледнете овде.

2009
Струшки вечери на поезијата